Македонската кошаркарска репрезентација е поразена од Словачка во претпоследниот натпревар од претквалификациите за ЕП 2025 година.
На натпреварот одигран во Левице, Словачка славеше победа со 82-73.
Од самиот почеток домаќините беа оние кои го наметнаа темпото и контролираа резултатот па на првата пауза заминаа со 7 поени предност (22-15).
По негативата од осум поени на стартот на вториот период (27-19), црвено-жолтите направија серија од 10-0 и дојдоа до водство, но повторно им дозволија на Словаците да се вратат во игра и тие да заминат со предност од 6 поени на паузата меѓу двете полувремиња.
Во вториот дел односно 27-та минута домаќините за прв пат имаа двоцифрена предност +10 (54-44), која до крајот на третата четвртина ја зголемија на +15 (61-46).
Домаќините во 32.минута имаа и највисоки +21 (69-48), која се покажа како решавачка иако во самиот финиш црвен-жолтите дојдоа до -7, но немаа сили да направат и комплетен пресврт.
Ти Џеј Шорц беше единствената светла точка во нашиот напад, а Американецот средбата ја заврши со 23 поени, колку што на спротивната страна постигна Симон Крајчович.
Сега останува да го сочекаме исходот од вториот денешен натпревар од нашата група во кој Данска игра со Норвешка. Евентуална победа на Норвежаните ќе значи дека во недела во Осло, Македонија едноставно ќе мора да победи доколку сака да го обезбеди првото место во групата.