Андреј Магдевски е подготвен да го даде својот максимум на престојните два натпревари од третиот и последен ФИБА „прозорец“ од претквалификациите за Евробаскетот 2023.
Новиот организатор на играта на холандскиот Донар од Гронинген смета дека најважно е да ја имаме потребната „свежина“ за дуелите со Словачка (23 февруари) и Норвешка (26.февруари).
„Немаме многу време да се подготвиме, но како е за сите така е и за нас. Моментално најважно е сите играчи што играа на Купот да успеат да се опорават и да бидат спремни за претстојните два натпревари. Што се однесува на репрезентациите на Словачка и Норвешка, добро ги познаваме. Ќе се обидеме да ги искористиме нивните маани и да дојдеме до посакуваната цел, а тоа е преминување во наредна фаза од квалификациите. Атмосферата во тимот е на највисоко ниво и се надевам истата ќе ја пренесеме и на теренот“, вели Магдевски.
Првиот натпревар македонската селекција ќе го игра утре од 18 часот во Левице против Словачка.