Компанијата Алкалоид уште еднаш ја потврди својата општествена одговорност, особено кога во прашање е македонскиот спорт.
Алкалоид од денеска, па во најмалку наредните две години, ќе биде официјален партнер на Македонската таеквондо федерација, што ќе биде голема поддршка за овој спорт кој ни го донесе најголемиот успех во последните 20-тина години, со освојувањето на сребрениот олимписки медал на Дејан Георгиевски.
„Чест и гордост што сум тука заедно со македонската таеквондо федерација, со Дејан. За нас како компанија која е општествена одговорна и на која спортот и е приоритет, е многу важно што се вклучуваме. Станува збор за бисери на македонскиот спорт, кои ја сакаат државата и насочени се кон развојот на спортот. Среќен сум кога ќе видам посветени луѓе кои ја претставуваат Македонија како амбасадори на високо ниво. Навистина е голема радост она што го направи Дејан на Олимпијадата. Да им помогнеме, јас сум оптимист дека ќе славиме норми и нови медали. За Македонија, за македонскиот спорт, ќе изградиме успешни приказни“,
изјави Живко Мукаетов генералниот директор на Алкалоид,
Ова ќе биде голема помош за федерацијата, особено што сега ќе може да бидат фокусирани на работата со спортистите, а не на останатите пратечки проблеми, па со посветена и макотрпна работа може во иднина да се очекуваат уште поголеми резултати, истакна меѓу другото Претседателот на федерацијата Борче Костовски.
„Благодарност до Живко Мукаетов, како човек со широко срце му помага на македонскиот спорт генерално. Тој ја препозна, ја виде македонската таеквондо приказната, потенцијалот. Заедно ќе бидеме успешни во иднина,“ дополни Костовски.
И сребрениот македонски олимпиец Дејан Георгиевски не ја криеше радоста и задоволството од официјализирањето на соработката со Алкалоид, па најави дека во пред олимписката година ќе атакува на големи резултати.
„Мило ми е што сме тука да потврдиме дека македонското таеквондо е сериозна приказна која се бори за високи цели и медали. Му благодарам на Алкалоид за оваа поддршка. Годинава ја почнавме успешно со освојување на медал на Президент Купот во Турција и се надевам дека така ќе продолжиме. Календарот е полн оваа сезона, се надевам дека ќе успееме да донесеме уште некој медал“, вели Георгиевски.
Ако се земе во предвид успешноста на компанијата Алкалоид како и досега постигнатите резултати на македонските таеквондисти, повеќе од сигурно е дека Македонија во блиска иднина ја очекуваат големи радости и нови врвни спортски достигнувања.