Македонскиот тенисер Калин Ивановски го предаде финалниот меч на фјучрсот во Монастир, Тунис. Тој во вториот сет при резултат од 1-0 во сетови и 3:0 во гемови за противникот Риан Нибоер го предаде финалниот меч. Ова за Ивановски беше вкупно четврти меч во период од 24 часа откако вчера одигра два маратонски меча и повеќе од 6,5 часа беше на теренот.
Првите проблеми за Ивановски во мечот почнаа кога противникот од Холандија направи два брејка и поведе со 5:1 во првиот сет. Ивановски намали на 5:2, но потоа следуваа нови два исцрпувачки гема кои ги доби холанскиот тенисер Нибоер. Во осмиот гем од првиот сет се играа 20 поени и гемот и сетот му припаднаа на Нибоер, а веќе на стартот на следниот гем повторно имаше „маратонски гем“ се одиграа 18 поени и Холанѓанецот поведе со 1:0. Во продложение беа одиграни уште два гема по кои Ивановски го предаде мечот.
Македонскиот тенисер за пласманот во финалето денеска беше поуспешен од Италијанецот Фабрицио Андалоро откако противникот по 6:2 во првиот сет и 1:0 во вториот го предаде мечот.
Ова за Калин Ивановски беше второ финале во 2023 година и втор пораз, а притоа на фјучрс турнирите досега во Монастир во Тунис во 2023 година (сите на тврда подлога) има две финалиња, едно полуфинале и едно четвртфинале. Македонскиот тенисер на новата ранг листа која ќе биде објавена утре треба да ја мине границата од 500.место.