Данските ракометари стигнаа до третата титула светски првак откако во финалето во Стокхолм ја совладаа Франција со 34:29 (16:15). Данска претходните две титули на Светските првенства ги освои на шампионатите 2019 и 2021 година.
Репрезентацијата на Данска подобро го почна натпреварот и оствари водство од 3:0, а до 10-та минута веќе имаше и водство од четири голови разлика (7:3; 8:4 и 9:5). Во овој дел од дуелот одличен на голот на светскиот првак Данска беше Ландин, кој беше вистинска енигма за Французите. Водството од четири гола Данска го имаше и во следните десет минути, но во последните пет минути од првиот дел „триколорите“ намалија на еден негатива, откако противникот имаше пет минути без постигнат гол. Три од своите пет голови во овој период ги постигна Ремили, додека кај Данска Питлик со 6 голови погодуваше кога требаше.
По првиот напад во вториот дел Франција изедначи на 16:16, набрзо потоа беше и 17:17 (двете единствени изедначувања). Но, Данска пак се одлепи на три разлика 20:17. „Триколорите“ се обидуваа да намалат, но успеваа да стигнат само на еден негатива. Олимписките шампиони Французите имаа проблем пред се со голманите, кои едноставно не можеа да одбранат удар на противниците. Во вториот дел кај Данците се разигра и Лауге, кои им се приклучи во ефикасноста на нападите на Питлик и Гидсел.
Во 53.та минута Данска поведе и со четири разлика (31:27) и новата титула светски првак веќе беше на дофат. Во 58.та минута Франција намали на 31:29, по голот на Питлик Данска поведе со 32:29, а потоа Ландин ја запиша осмата одбрана – седмерец.
Најефикасен на финалето беше Расмус Лауге со 10 голови и едно промашување, а Симон Питлик постигна 9, додека Матиас Гидсел беше стрелец на 6 голови и со вкупно 60 е најефикасен на првенството.
Франција најголемиот дел од финалето играше без Никола Карабатиќ, кој е повреден.
Натпреварот го судеа Македонците Ѓорѓи Начевски и Славе Николов.