Ракометарите на Данска се првите финалисти на Светското првенство откако во првото полуфинале во Гдањск ја победија селекцијата на Шпанија со 26:23 (15:10). Ова за Данска ќе биде можност да ја освои третата титула светскит првак откако ја продолжија серијата без пораз од 27 натпревари на светските првенства.
Почетокот на дуелот беше во знакот на Данците кои имаа предност и по 10.минути беше 6:4 за избраниците на Николај Јакобсен. Десет минути подоцна Данска водеше со 11:7, но следуваше серија од 3-0 на противникот 11:10. Данска во продолжение реализираше четири голови за највисоки +5 (15:10) на крајот од првиот дел. Во овој дел „блескаше“ на голот Ландин со 10 одбрани.
Во вториот дел „црвената фурија“ полека ја намалуваше негативата на противникот и во 50.та минута Шпанија беше во негатива од само еден гол (20:21). Но, тоа беше се што сторија Шпанците, бидејќи светскиот првак Данска се одлепи на 25:20 со ерија од четири голови. Шпанија направи нов обид, но постигна три голови што беше недоволно за пресврт.
Најефикасен на дуелот беше Питлик со 6 голови, а по 5 постигнаа Саугструп кај Данска и Алекс Душебаев кај Шпанија.
Голманот на Данска Ландин, дуелот го заврши со 15 одбрани и беше прогласен за играч на натпреварот.
Во второто полуфинале од 21 часот во Стокхолм ќе играат Шведска и Франција.