И ноќеска во НБА лигата беа одиграни три натпревари од првата плеј-оф рунда.
Лос Анџелес Лејкерс обезбедија пласман во полуфиналето на Западната конференција, по убедливата победа над Хјустон Рокетс со резултат 98-78.
Екипата од Калифорнија ја искористи првата меч топка и ја заврши серијата со доминантна партија во шестиот натпревар. Ова е прв пласман во втората рунда за Лејкерс по 2023 година, остварен и покрај отсуството на повредениот Лука Дончиќ. Леброн Џејмс повторно блесна на теренот со учинок од 28 поени, седум скока и осум асистенции. Поддршка му беше Хачимура кој постигна 21 поен, погодувајќи дури пет тројки за важниот триумф.
Лејкерси за противник во полуфиналето на Западната конференција ќе го имаат шампионот Оклахома сити, тим кој имаше најдобар „скор“ во текот на сезоната.
А, најдобриот тим од регуларниот дел во Источната конференција, Детроит, засега се спаси од елиминација во првата руда.
Пистонс приредија вистинска сензација откако успеаја да надополнат негатива од огромни 24 поени против Орландо Меџик.
Со победата од 93-79, првопласираниот тим на Истокот се избори за решавачки седми натпревар кој ќе се игра в недела. Тобијас Харис ги предводеше Пистонс со 22 поени во мечот каде неговиот тим направи серија од 35:5. Решавачкиот седми натпревар ќе се игра во Детроит.
Драматично беше и во дуелот меѓу Торонто и Кливленд, каде Еј-Џеј Барет погоди клучна тројка пред самиот крај на продолжението. Репторс славеа со 112-110, па патникот во следната фаза ќе биде познат по мајсторката во Кливленд.
Скоти Барнс оствари фантастичен дабл-дабл со 25 поени и 14 асистенции во овој неизвесен натпревар. Досега во оваа серија победуваа исклучиво домашните екипи, што најавува голем притисок за Кливленд во недела.





























