Екипата на Денвер ја заврши сезоната во НБА лигата, со елиминација од Минесота, која блесна со моќна игра.
„Волците“ славеа со 110:98 и ја затворија серијата со 4:2. Никола Јокиќ повторно беше најдобар поединец кај Денвер со 28 поени, 10 асистенции и осум скока, но неговата игра не беше доволна. Минесота имаше 17 скока повеќе и постигна 24 поени повеќе во рекетот, што ја одреди судбината на натпреварот. Џејден МекДениелс блесна со 32 поени и 10 скока, а Теренс Шенон додаде 24 поени од стартната петорка.
Јокиќ по натпреварот истакна дека тимот не е доволно квалитетно изграден околу него и дека без вистинска поддршка е невозможно да се освои нов трофеј. Атмосферата во Минеаполис наликуваше на европска арена, со силна поддршка за домашниот тим. Минесота ја обезбеди полуфиналната серија против Сан Антонио, а Денвер останува со многу прашања за иднината.
Филаделфија успеа да преживее против Бостон и да ја израмни серијата на 3:3 во победи.
Макси беше лидер со 30 поени, Пол Џорџ додаде 23, а Ембиид постигна 19. Селтиксите беа ограничени на само 93 поени, со проблеми кај Браун и повреда на Тејтум. Одлуката за полуфиналето ќе падне утре во Масачусетс.
Њујорк Никс ја елиминираа Атланта, победувајќи со 140:89 и обезбедија конференциско полуфинале.
Ануноби постигна 29 поени, Таунс стигна до трипл-дабл, а разликата од 47 поени на полувреме е рекорд во плејофот. Крајниот триумф од 51 поен е меѓу најубедливите во историјата. Атланта беше целосно надиграна и направи 14 грешки само во првото полувреме.
































