Македонските ракометари со победа над Бахреин го почнаа меѓународниот турнир „Жолт Куп“. Иако избраниците на Кирил Лазаров, се радуваа на крајот, сепак селекторот не е најзадоволен од играта.

„Задоволни сме што сме на овој добар турни кој е силен и добар за подготовка на Европското првенство. Задоволен сум што победивме силна репрезентација, но не сум задоволен со играта. Се надевам дека на наредните два натпревари ќе бидеме многу подобри. Полека треба да се подготвивме за она што не чека на Европското првенство“, изјави Лазаров. 

На прашањето за очекувањата на шампионатот и отворањето на дуелот со Данска, Лазаров нагласи дека Македонија нема што да загуби. 

„Колку и да се подготвувате за Данска тоа не е доволно. И многу подобри од нас се подготвувале за Данска, но губеле по 10-тина разлика. Ние нема што да изгубиме на тој натпревар. Тие изминатите години се најдобри во светот. Ќе се бориме спортски, но мора да признаеме дека тие се апсолутни фаворити“, заклучи Лазаров.

Нова шанса да ја коригираат и надградуваат својата игра, македонските ракометари ќе имаат денеска во дуелот со Украина.