Супер интересен фудбал донесоа вечерашните четири натпревари во „А“сегментот на УЕФА Лигата на нациите. По нив познати се вкупно шест од осумте репрезентации што ќе играат во четвртфиналето. Англија и Франција ги освоија првите места во групите, додека Белгија преку Италија обезбеди четвртфинале во Лигата на нациите. Покрај овие три селекции, пласман во нокаут-фазата обезбедија уште Шпанија, како и лидерите Холандија и Португалија.
Англија ја прекина низата од 43 натпревари без пораз на Шпанија

Во директната битка за врвот во третата група, Англија славеше на гостувањето кај Шпанија во Мадрид со 3:2.
Хари Кејн од пенал (45.минута), Езри Конса (53) и Бен Вајт (57) донесоа висока предност за гостите. Англичаните од 63. минута играа со играч помалку по исклучувањето на Елиот Андерсон. Шпанците не успеаја докрај да го искористат тоа и да останата не поразени. Микел Ојарзабал во 65.минута и Ајмерик Лапорт во 75-тата го ублажија поразот. Сепак тоа не беше доволно светскиот и европски шампион да го сочува првото место. Двете селекции завршија со по 15 бода и израмнет меѓусебен „скор“ по триумфот на Шпанија од 3:2 во Лондон. Поради подобрата вкупна гол-разлика во групата, Англија го освои првото место пред второпласираната Шпанија.
Италијанците пак „извисија“
Голем пресврт во првата група направи Белгија, која во Брисел ја совлада Италија со 4:1.
Гостите поведоа преку Франческо Еспозито (11. минута), но домаќините веднаш возвратија со три гола за само единаесет минути. Пресвртот го режираа Максим Де Кајпер (15.минута), Натан Нгој (22) и Џереми Доку (26), по двете асистенции на Де Кетеларе. Во финишот Белгијците постигнаа и четврти погодок преку Мореира (80) за сигурно 2.место и пласман во четвртфиналето. Италија остана на десет бода и падна од првото на третото место, па во март ќе игра бараж за опстанок.
Првото место во оваа група со 13 бода го освои Франција со победа од 2:1 над Турција во Бордо.
Домаќините поведоа со автоголот на Емирхан Топчу (49. минута), а Ели Жуниор Крупи (80) зголеми на 2:0. Почесниот погодок за Турција го постигна Бардакчи (90), па гостите со шест порази испаѓаат во Б-лигата.
Во третата група, Хрватска со 2:1 ја совлада Чешка и со шест бода го потврди третото место. Хрватите во март ќе играат бараж за опстанок во елитата, додека Чешка со шест порази директно се сели во „Б“ сегментот.

Последните четвртфиналисти ги дознаваме утре
Во преостанатите две групи, пласман во четвртфиналето пред последното коло веќе имаат обезбедено селекциите на Холандија и Португалија.
Утре во втората група за второто четвртфинално место ќе се борат Грција и Германија, кои имаат по осум бода. Последниот четвртфиналист ќе биде познат во вторник во четвртата група, каде што Данска во директен дуел ја пречекува Норвешка.































