Гоце Седлоски селекторот на фудбалската репрезентација на Македонија, го објави списокот на фудбалери за дуелите со Шкотска и Словенија. Тоа се последните два меча за црвено-жолтоте во „Б“ сегментот на Лигата на нациите.
Седлоски се реши да ги изостави искусните Бојан Миновски во нападот, и Ѓоко Зајков во одбраната.
„Како што уште на почетокот кажав, мислам дека атмосферата е супер. Но нема повеќе да дозволам да доаѓаат тука играчи од страна, само за да се видат со роднини и пријатели, да одиграат 90 минути и да си заминат во своите клубови.
Јас сум бил играч, знам како било, сум доаѓал од страна тука. Доколку се остава сè на теренот, јас знам кога да ги пуштам играчите, знам кога да им дадам слободно, знам кога треба да бидат фокусирани на тренинг, а кога на натпревар.
Е па сега, не можам јас да бидам крив ако некој не се залага на тренинг или ако не се залага на натпревар. Нормално, местото нема да му биде тука, за кој било да станува збор“, изјави селекторот Седлоски.
Што се однесува до очекувањата, Седлоски, по којзнае кој пат, конечно очекува да биде постигнат барем еден гол, ама…
„Што ќе барам од нив сега? Играме со Шкотска. Доколку ние не влеземе агресивно, доколку отидеме таму да се уплашиме… подобро да не одиме. Таму има 60.000 публика. Сум играл на тој стадион, знам каква е атмосферата. Значи, мора секој кој ќе излезе на теренот да го даде максимумот доколку сакаме да направиме успех, а дури потоа ќе мислиме за натпреварот со Словенија тука.
Играчите се тие, нормално е и тие да се малку под стрес. Пред таква публика и на таков стадион, треба да излеземе, да одиграме машки, храбро и да не се плашиме. Како што кажавте, јас никогаш не сум барал од моите играчи да застанат позади и да се бранат.
Сега, за жал го немаме тој гол постигнато, но создаваме шанси овие две-три утакмици што ги играме. Ќе излеземе таму, исто како и на претходните натпревари, да дадеме гол. Е сега, колку противникот ќе ни дозволи – тоа најпрво ќе го видиме на теренот“, заклучи Седлоски.
Првиот натпревар Македонија ќе го игра на гости пратив Шкотска на 13 ноември, а три дена подоцна (16) во Скопје гостува Словенија.































