Ракометарите на Вардар вечерва ќе го играат претпоследниот натпревар, од 5.коло, во Лигата на шампионите, а дуелот е без резултатски императив, барем во ова натпреварување. Нашиот претставник му гостува на францускиот Нант кој сеуште е во игра за следната фаза.
Црвено-црните во Франција заминаа по четири последователни порази во групниот сегмент.
Традицијата на меѓусебни дуели со овој ривал моментално не е на страната на македонскиот ракометен гигант.
Годинашниот прв натпревар во Скопје донесе драматична борба и болен пораз од 32:33. Тој септемвриски дуел покажа дека скопскиот состав има квалитет да им парира на Французите.
Историјата памети и други тесни пресметки помеѓу овие два познати европски клуба. Вардар последен пат славеше против Нант во септември 2017 година со убедливи 27:23. Потоа следеа два минимални порази за нашиот клуб во 2018 година со 27:26 и 29:27.
Денешната средба претставува само можност за избраниците на Иван Чупиќ да го поправат впечатокот, но и да се воиграат за следните предизвици. Елиминацијата од Лигата на шампионите, не значи крај на настапите на Вардар на европската сцена. Црвено-црните ќе продолжат во второто квалитативно натпреварување, ЕХФ Европа лигата.
Вечерашниот натпревар меѓу Нант и Вардар ќе се игра во терминот од 20.45 часот.
































