Кошаркарскиот тренер од Охрид, Антонио Савевски, трагично го загубил животот во сообраќајна несреќа.

Несреќата се случила околу 23:30 часот, кога возило „Хјундаи гец“ со охридски регистарски ознаки удрило во кучиња скитници, а потоа во металните браници покрај патот. По ударот, возилото се запалило.

Савевски беше препознатлив со својот ведар и секогаш насмеан лик низ кошаркарските терени ширум Македонија. Тој работеше во повеќе клубови со младинските категории.

Неговата љубов кон кошарката беше присутна и надвор од терените. Тој беше најголемиот колекционер на кошаркарски дресови. Во својата колекција имаше повеќе од 400 дресови од клубови и играчи од НБА лигата, странство и Македонија.

Особено место во неговата колекција имаа македонските кошаркарски дресови. Тој собираше и дресови од клубови кои повеќе не постојат, со што сакаше да ја зачува историјата на македонската кошарка.