Кошаркарската федерација на Македонија (КФМ) информира дека екипите на ТФТ, Маџари и Чаир нема да им дозволи да се натпреваруваат во новата сезона (2026/27), доколку не ги исполнат сите критериуми.
Во рамките на процесот на лиценцирање за натпреварувачката сезона 2026/2027, КФМ за првпат воведе систем на лиценцирање. Покрај организациските и техничките критериуми, предвидува и задолжително исполнување на критериумите за финансиска дисциплина.
Сите клубови беа навремено и писмено информирани за условите, роковите и обврските кои произлегуваат од Правилникот за лиценцирање. Дополнително, федерацијата обезбеди повеќе поволности и олеснувања со цел клубовите да можат навремено да ги регулираат своите обврски.
Крајниот рок за исполнување на финансиските критериуми беше 15 јули 2026 година.
За жал, и покрај обезбеденото време, укажувањата и можностите што им беа ставени на располагање, три клуба, ТФТ, Маџари и Чаир, не ги исполнија предвидените финансиски услови во утврдениот рок.
Поради тоа, а имајќи ја предвид обврската за еднаква примена на правилата кон сите учесници во натпреварувањето, КФМ не е во можност да им издаде лиценца за настап во натпреварувачката сезона 2026/2027.
Оваа одлука не е насочена против ниту еден клуб. Таа претставува доследна примена на Правилникот за лиценцирање и принципите на финансиска одговорност и еднаков третман на сите клубови.
ОД КФМ напоменуваат:
„Само со почитување на правилата, финансиска дисциплина и еднаков однос кон сите можеме да создадеме стабилен, одржлив и кредибилен систем кој ќе придонесе за понатамошен развој на македонската кошарка.
Напоменуваме дека ова соопштение се однесува исклучиво на процесот на лиценцирање на клубовите кои ќе се натпреваруваат во највисокиот ранг на натпреварување во сезоната 2026/2027.
Во однос на останатите натпреварувачки категории, Комисијата за лиценцирање во моментов ги прибира и обработува потребните информации и документација. По завршувањето на постапката, кошаркарската федерација на Македонија во најкраток можен рок ќе ја информира јавноста и клубовите за состојбите и донесените одлуки и за тие натпреварувања“.


































