Екипата на Ѓорче Петров МРК обезбеди пласман во женската Супер лига откако во бараж натпревар го совлада тимот на Пелистер.

Натпреварот започна одлично за ракометарките на Ѓорче Петров, кои уште на стартот направија серија од 4:1. Гостинките од Битола се обидуваа да ја намалат негативата и да се вратат резултатски во игра, но домашниот состав успешно ја одржуваше предноста. Во 14. минута Ѓорче Петров имаше водство од 8:4, а до крајот на првото полувреме целосно ја контролираше играта. Предноста постепено растеше, па во 23. минута изнесуваше 12:6. Со сигурна игра во нападот и цврста одбрана, ракометарките на Ѓорче Петров на паузата заминаа со убедлива предност од 15:9.

Во второто полувреме не се случија поголеми резултатски промени. Ѓорче Петров продолжи да го диктира темпото на теренот и во 40. минута стигна до највисоки седум голови предност (19:12). Пелистер во неколку наврати се обиде да ја намали негативата и да внесе неизвесност во натпреварот, но домаќинките не дозволија пресврт.

До самиот крај Ѓорче Петров ја задржа контролата врз резултатот и сосема заслужено стигна до победата од 24:17, со која обезбеди место во женската Супер лига.

Ивона Кимовска