Македонскиот ракометен шампион Вардар, во претстојната сезона ќе игра на повеќе фронтови. Покрај обврските во домашното првенство и Куп, како и настап во Лигата на шампионите, Вардар ќе игра и во регионалната лига.
Од црвено-црниот табор веќе го најавија тимот кој на располагање ќе го има тренерот Иван Чупуиќ. Хрватот првата прозивка ќе ја направи за седум дена (27 јули) за кога е најавен првиот тренинг и средбата со медиумите.
Физичката подготвеност ќе се спрема во Маврово, а потоа следува и првиот настап и проверка на сработеното. Вардарци го потврдија своето учество на меѓународните турнири во Струга и Охрид.
На струшкиот, ќе се одиграат првите натпревари преку кои Чупиќ ќе ја гради тактиката за стартот во регионалната лига. По него ќе следува дуелот со српската Војводина во регионалната конкуренција. Тој ќе се игра во салата „Билјанини извор“ во Охрид на 17 јули, каде ден подоцна ќе почне и охридскиот меѓународен турнир. Августовската агенда, црвено-црните ќе ја заокружат со натпреварот против Динамо Панчево.


На почетокот на септември, Вардар би требало да го одигра и Супер куп натпреварот, а веќе на 9 или 10 септември првиот меч во Лигата на шампионите.
Сезоната во елитната конкуренција вардарци ќе ја почнат со натпреварот против германскиот Мелсунген. Противници на Вардар во групната фаза ќе бидат и екипите на Нант од Франција и Висла Плок од Полска.




































