Ракометерите на вардар вчера ја одбранија куп титулата веќе во четврток имаат шанса да ја освојат и шампионската.

На пет кола до крајот Вардар има 8 бодови повеќе од Охрид кој е втор. Доколу во следниот меч Вардар слави, во најмала рака ќе ја сочува предноста, па последните четири кола ќе бидат формалност.

Вардарци во четврток го пречекуваат Алкалоид. Тие ќе имаат и мотив повеќе бидејќи ќе го слават 65-тиот роденден на клубот. За тој натпревар ,,црвено-црните” подготвија и ,,ретро” опрема (дресови).

Вардарци денеска упатија и повик до своите навивачи ,,Комити” заедно да го прослават роденденот и трофејот.

Наши верни навивачи, ‼♥

Ве каниме на големата прослава на 65 РОДЕНДЕН на РК Вардар, која ќе се одржи во четврток (23 април 2026) во СЦ „Јане Сандандски”, каде во рамки на 6. коло од плеј-оф натпреварот од Супер лигата ќе ја пречекаме екипата на Алкалоид.

По тој повод, ракометарите на Вардар ќе настапат во ретро дресови дизајнирани специјално за овој натпревар. Подготвуваме и уште многу изненадувања со кои ќе го прославиме овој важен јубилеј на нашиот Вардар!

Почетокот на натпреварот е закажан за 18 часот, а час и половина порано (околу 16,30 часот) на платото пред салата ќе има организирана фан-зона поддржана од нашите спонзори, а наменета за сите посетители.

Затоа ве покануваме да дојдете и да уживате во забавата која воедно ќе биде увертира за спектаклот кој следува.

Неизмерна е нашата, а веруваме и вашата радост како навивачи, што по децениите на заедничка борба за клубот, ја имаме честа да го одбележиме овој важен датум од историјата на клубот!

Ви благодариме што секогаш сте биле тука за клубот и што никогаш не сте ни го свртеле грбот. Ви благодариме за поддршката и за сите заеднички спомени, кои во четврток ќе ги прославиме онака како што доликува и како што го правевме 65 години – Заедно!

Кон крајот на јубилејната година најавуваме и документарец, посветен токму на РК Вардар, на сите генерации кои го граделе и бранеле неговото име, на легендите, играчите, тренерите и навивачите кои оставиле неизбришлива трага во историјата на клубот.

Вардарци, во четврток се гледаме во сала!
Еден живот – една љубов!🔴⚫️