И така, Македонија си продолжува понатаму. Фудбалската еуфорија во оваа прекрасна земја заврши со дебаклот во Копенхаген. Сега сите може да си ја гледаме својата работа, а оние задолжени за мак-фудбалот, да си ја тераат нивната (по свое). 

Во спортот има победи и порази. Ние повеќе, очигледно, сме навикнати на ова второто, по болното. Сонувавме, Македонија на Светско првенство. Е, да ќе продолжиме да сонуваме уште многу, многу, многу долго. 

Фудбалерите ќе си го одработат своето во Даблин со Р.Ирска, во натпреварот без никакво значење (што би рекол народот за бакнежи – „пољупци“). Естаблишментот, ќе си се врати во удобните фотелји во „Куќата на фудбалот“. 

Очигледно, главите и по цел денипол размислување, а по дебаклот во Данска, се „сеуште жешки“, што би рекол селекторот Седлоски.  Од ФФМ која ревносно нé трупа со информации, вчера само едно „кратко“ благодариме на навивачите. И тоа не е лошо. Напротив и треба да им се заблагодарат, бидејќи тие од трибините дадоа повеќе, отколку оние на теренот и крај него.  

Естаблишментот!? Кој го видел и слушнал деновиве во јавност!?

Нé навикна(а), редовно, речиси секојдневно да го(ги) гледаме по социјалните медиуми, со изјави и писанија од типот на: „работиме, исполнуваме, за доброто на мак-фудбалот, итн, итн…“.
Катадневните „бомбардирања“ со фалби, ги надминаа и најголемите „инфлуенсери“ не само во Македонија, туку и пошироко. 

И сега… ШТАМАААА!!!!

Денеска, утре, по Ирска е бадијала. Бадијала ќе ви бидат правдања од типот „сакавме да заврши ова и да анализираме, па ќе излеземе со став“.

Не, не, не…. Тоа не пали веќе. Од едноставна причина, бидејќи досега бевте повеќе од ревноски и експресно брзи во давањето одговори и изјави и за најмалите моменти, дури и оние кои не заслужуваа одговори.

Знаеме дека ова ќе ве испровоцира да дадете одговори, ама сега сочувајте си ги за себе, па и вие како и ние летово, светското гледајте го од дома. 

Или…. Можете и во удобната дупка, упссс … „куќа на фудбалот“ да се скриете (пример како глодари), од жештината, з’ш нели летоска ќе биде жешко на Светското првенство. Ние ќе го гледаме илјадници километри од стадионите на кои ќе се игра, а би било добро и вие да го направите истото, наместо да трошите бадијала. 

Како што пиша Крсте Петков Мисирков – „За македонцките работи“ – се во едно видео од 30.секунди за, македон„Ц“киот фудбал.