Во рамките на елиминациското коло од Купот на Македонија за ракометарки, денеска се одиграа неколку интересни натпревари. Екипите се бореа за пласман во следната фаза од натпреварувањето, каде победниците ќе обезбедат место во четвртфиналето.

Екипата на Вардар го пречека тимот на Ѓорче Петров 2. На самиот почеток се играше израмнето сѐ до 8-та минута, кога Вардар поведе со 5:3. Ѓорче Петров 2 се обиде да ја намали негативата и стигна до 11:9, но не успеа да израмни. Вардарки потоа со серија од 4:0 во 26-тата минута направија предност од 15:9. На полувремето заминаа со водство од 17:12.Во второто полувреме темпото остана неизменето и возбудата на теренот беше на високо ниво. Во 36-тата минута Ѓорче се доближи на 17:15, а во 43-тата минута со одлична акција успеа да израмни на 19:19. Вардар веднаш возврати и со серија 2:0 се врати на водство од 21:19. Во 53-тата минута Ѓорче повторно израмни на 23:23, па дури и поведе со 24:23. Последните минути беа полни со неизвесност, драма и напнати моменти, а натпреварот заврши со возбудливо реми 26:26. Во пенал „рулетот“ повеќе нерви и прецизност имаа гостинките кои на крајот славеа со 28:29.

Кумановки против екипата на Шампион имаа лесна задача и без никаков проблем триумфираа со убедливи 48:14. Атлетик, пак, славеше над екипата на Астибо со 30:26. Натпреварот меѓу Овче Поле и Деспина заврши со триумф на домашната екипа со 38:19.

Последниот патник во следната рунда ќе биде познат вечерва од 20:00 часот, по дуелот меѓу Јехона и Спартак.

Екипите на Ѓорче Петров и Чаир ја прескокнаа оваа фаза од натпреварувањето и ќе се вклучат во следната.

Ивона Кимовска