Струмица ФМП и Бутел ги добија дерби дуелите од 12.коло во Првата машка кошаркарска лига.
Струмичани пред својата публика славеа против штипските Соколи со 78:68 и направи голем чекор кон освојување на 1.место во групата „Б“. По изедначената прва четвртина, струмичани ја презедоа контролата во втората и на полувреме имаа предност од 41:28, која ја задржаа до крајот за деветта победа во сезоната. Капитенот Шајкаров беше најдобар со 18 поени, а Јовановиќ и Стојанов додадоа 15 и 10. Кај штипјани, Костадинов реализираше 16, Блажевски 14, а Митевски 13.
Бутел постигна 100 поени и славеше убедливо против Борец баскет со 100:73, со што се искачи на третата позиција на табелат. Новото засилување Марјан Јанески блесна со 25 поени, Атанасов имаше 20, а Киров 18. Кај велешани, Елис беше најдобар со 26 поени.
Во „А“ групата, Тетекс стигна до третата победа, совладувајќи го Црн Дрим со 74:62. Теофиловски постигна 26 поени, а капитенот Костовски додаде 11. Кај гостите од Струга, Камилоски реализираше 16, Ѓоровиќ 14, а Шабани 10.
Водно санс продолжи со победничката серија и го совлада Младинец со убедливи 116:85. Тимот од Скопје доминираше со две офанзивни четвртини и стигна до шестиот триумф во десет мечеви. Шестмина кошаркари имаа двоцифрен број поени, што ја потврди колективната сила на составот.
За денеска се закажани два натпревари, по еден во двете конкуренции, Охрид – Мега баскет и Струмица Ролинг – Спортисимо.





































