Екипите на Тиквеш и Феникс победнички го стартуваа вториот дел од сезоната во кошаркарската Супер лига.

Тиквеш со изменет состав и неколку нови странски засилувања успеа да ја прекине серијата на неуспешни игри. Кавадарчани до двата бода дојдоа со одлична игра во последната четвртина, а го совладаа Гостивар со резултат 81:73. Најрасположен беше Глигоријевиќ со 25 поени и седум скока, а веднаш зад него Хоукинс кој реализираше 21 поен и придодаде седум скока и седум асистенции.

Феникс беше убедлив на гостувањето кај Ангели, славејќи со 60:99. Избраниците на Дервишевиќ го контролираа резултатот во текот на целиот натпревар и заслужено стигнаа до петтата победа во сезоната. Петмина кошаркари беа двоцифрени, а младиот Грбовиќ запиша двоен ефект со 15 поени и 10 скока. Златевски и Метјус постигнаа по 14 поени, Рахама додаде 12, а Николовски уште 11. Кај Ангели единствено новакот Рубин Стефанов имаше двоцифрен учинок, со 13 поени во својот прв настап.

Во рамките на 12. коло утре ќе играат: Маџари – МЗТ Скопје Аеродром, МКК Куманово – Чаир и Пелистер – Работнички. Колото ќе биде комплетирано во понеделник со дуелот ТФТ – Кожув.

На табелата води ТФТ со 21 бод, пред МЗТ Скопје Аеродром со 20, додека Пелистер, Куманово и Кожув имаат по 18. Маџари е на шестата позиција со 17, Работнички седми со 16, Феникс осми со 17, Тиквеш Голден Игл деветти со 16, Чаир десетти со 15, Гостивар единаесетти со 14, а Ангели остануваат на последното место со 13 бодови.