Ракометната репрезентација на Македонија од вчера е во дански Силкеборг. Иако беше планиран прв тренинг во попладневните часови, стручниот штаб на чело со селекторот Кирил Лазаров реши да ги поштеди играчите. Причината беше тешкото патување до Данска, па тимот доби попладне за одмор и аклиматизација.
Сепак, веќе денес македонските ракометари продолжуваат во полна пареа со два тренинзи. Прв дел од денот е за фитнес тренинг во теретана, а попладнето ќе биде искористено за тренирање во сала.
Марко Митев еден од носителите на играта во нашата селекција ветува дека на секој натпревар црвено-жолтите че го дадат максимумот
„За три дена започнува првенството, а нашиот фокус е првиот натпревар со Данска. Тие се фаворити, но наше е да дадеме максимум и да се избориме за позитивен резултат“, вели меѓу останатото Митев.
Македонија има уште неколку денови за последните подготовки пред настапот на Европското првенство. Дотогаш е планиран уште еден неофицијален тест натпревар против машката екипа на Мидтјиланд.
Македонски ракометари првенството ќе го почнат на 16 јануари во дуелот со ко-домашинот на шампионатот Данска, еден од главните фаворити за златото. Два дена подоцна (18 јануари) на програмата е дуелот со Португалија, а потоа на 20 јануари и натпреварот против Романија.
Целта е да се биде меѓу првите две селекции во ова конкуренција и да се обезбеди пласман во втората, главна фаза на првенството.


































