И додека останатите сеуште го слават и празнуваат почетокот на Новата година, најдобрите македонски ракометари, се враќаат на обврските.

Машката сениорска репрезентација на Македонија, продолжува со подготовките за новиот настап на Европскиот шампионат.

Избраниците на Кирил Лазаров повторно ќе работат во Скопје, во наредните неколку дена, по што заминуваат за Швајцарија. Во градот Винтертур од 8 до 10 јануари, македонските ракометари ќе ја брусат формата за европскиот шампионат. Таму ќе одигра три натпревари против домашната селекција на Швајцарија, Бахреин и Украина.
Преку нив селекторот Лазаров треба да го дефинира списокот на ракометари кои од 15 јануари ќе настапуваат на првенството.

Оттаму експедицијата заминува за Хернинг, Данска каде ќе ги игра натпреварите во првата фаза. Неа ќе ја отвориме со дуелот против ко-домаќинот на првенството и еден од главните фаворити за златниот медал Данска со натпреварот на 16 јануари. Два дена подоцна (18 јануари) ќе следува натпреварот со Португалија, а на 20 јануари и дуелот со Романија.

Примарна цел, за македонската селекција е секако пласман во втората главна фаза на првенството во кој ќе продолжат двете прво пласирани селекции од секоја група. Задачата сигурно дека нема да биде лесна, но со најавената голема поддршка од македонските навивачи, ракометарите ќе треба да потврдат дека имаат квалитет за поголеми резултати.