Македонскиот ракомет следната сезона во Лигата на шампионите нема загарантирано место за својот првак во елитното европско натпреварување. И покрај тоа што Лигата на шампионите ќе биде проширена од досегашните 16 на 24 клубови, Македонија повторно ќе мора да се надева на добивање вајлд-карта, како што беше случај и во изминатите години.

Според актуелната ранкинг-листа, Македонија се наоѓа на 12. место, што не е доволно за директен пласман, бидејќи сигурно учество ќе имаат само федерациите пласирани од првото до десеттото место. Тоа значи дека македонскиот првак ќе мора да мине низ дополнителна селекција и да конкурира за една од четирите вајлд-карти кои ќе бидат доделени на земјите без обезбедено директно место во Лигата на шампионите.

Федерациите рангирани од 1 до 10 имаат едно фиксно место во ЛШ. Гарантирано места имаат: Германија, Шпанија, Франција, Данска, Полска, Унгарија, Романија, Португалија, Хрватска и Норвешка.

Од друга страна, ситуацијата е појасна во останатите европски натпреварувања.

Во Европската лига и во следната сезона Македонија ќе има едно сигурно место, исто како и досега, додека во Европскиот куп ќе може да настапат три македонски клуба. И покрај тоа што вратите на елитата не се целосно затворени, јасно е дека македонскиот ракомет ќе мора дополнително да се бори за своето место меѓу најдобрите во Европа.