Ноќеска се одиграа два четвртфинални натпревари од НБА Купот. По нив екипите на Оклахома Сити и Сан Антонио закажаа меѓусебен дуел во полуфиналето во Лас Вегас.

Шампионот Оклахома Сити го совлада Феникс Санс со дури 49 поени разлика 138:89.

Првото име на натпреварот беше МВП-то од минатата сезона, Шаи Гилгџус-Александар кој постигна 28 поени, а имаше осум асистенции. Чет Холмгрен заврши со 24 поени и 8 скокови.

Со скор од 24-1 „Тандер“ се изедначија со Голден Стејт Вориорс од сезоната 2015-16 за најдобар старт од 25 натпревари во историјата на НБА. „Воините“ таа сезона имаа скор од 24-0, пред да загубат во 25-от натпревар.

Во „Крипто Арената“, домашниот тим Лос Анџелес Лејкерс доживеа неочекуван пораз од Сан Антонио Спарс со 119:132.

Бадијала остана одличната партија на Лука Дончиќ кој беше најдобар во овој натпревар постигнувајќи 35 поени и осум асистенции. Тоа не беше доволно за расположените Спарси, кои беа предводени од Стефон Касл со дабл-дабл од 30 поени и десет скока.

Така познати се четирите екипи кои ќе играат на завршниот „фајнал-фор“ турнир во Лас Вегас. Во полуфиналето од западот Тандер против Спарс, а од истокот Орландо Меџик и Њујорк Никс. Натпреварите ќе се играат вечерта меѓу сабота и недела (13 и 14 декември).