Со натпреварот што ќе се игра вечерва во Охрид, ќе стартува вториот дел од сезоната во машката ракометна Супер лига.
Ракометарите на Охрид го пречекуваат Алкалоид во воведниот меч од 12-тото коло. Ова е дуел на две од четирите екипи кои со Вардар и Е.Пелистер претендираат на највисок пласман во првенството.
Охриѓани се во серија од седум победи од кои две во Европскиот куп против азербејџанскиот Баки. Воедно за нив ова е тест пред првиот меч со Слога Добој во третата рунда на европското натпреварување, закажа за во недела. Гостите од Автокоманда во денешниот натпревар влегуваат по поразот во дербито со Вардар во неделата, што беше нивни прв сезонава.
Првиот меѓусебен натпревар (во 1.коло) одигран во Скопје донесе интересен и неизвесен натпревар кој заврши без победник 24-24.
Двата тима веќе заостануваат, четири односно пет бодови, зад лидерот Вардар, односно еден и два зад шампионот Еурофарм Пелистер. Затоа бодовите од денешното дерби се исклучително важни за двете екипи.
Дуелот меѓу Охрид и Алкалоид што ќе почне од 19 часот ќе може да го ГЛЕДАТЕ ВО ЖИВО ОВДЕ и низ тв пренос на МРТ3.





































