Со дерби дуелот одигран вечерва меѓу Вардар и Силекс, комплетирано е 11 коло во ПМФЛ. Натпреварот на арената „Тодор Проевски“ , вардарци со гол од пенал во 97.минута го совладаа Силекс со 2-1.
Двата гола беа постигнати на почетокот на првото полувреме. Домаќините поведоа преку Омерагиќ во во осмата, а Силекс израмни преку Хрвановиќ во 14-тата минута. Во продолжението на натпреварот, малубројната публика виде по неколку шанси, пред се на вардарци.
Во завршницата кратовци останаа со играч помалку откако голманот Џеков направи прекршок надвор од шеснаесетникот, а судијата фатмир Бафто му покажа директен црвен картон.
Длабоко во судиското дополнување (90+7), при еден воздушен дуел во шеснаесетникот на Силекс, домаќините сугерираа пенал. По прегледувањето на снимката судијата Бафто покажа на белата точка, а сигурен реализатор беше Мато за победа на Вардар од 2-1.
По оваа победа и новите освоени бодови, а вкупно 27 Вардар се врати на врвот на табелата. Втор е тимот на Струга ТЛ со 26, Шкендија сега е трета со 24, а Силекс со 21 е четврти.




























