Машката сениорска ракометна репрезентација се собра во Скопје, пред двомечот со Јапонија во рамките на ЕХФ неделата. 

Селекторот Лазаров ја направи првата прозивка на ракометарите што се најдоа на неговиот список. Од тој „попис“ не се појави Дејан Манасков кој го одби позивот. Лазаров на негово место го повика Петар Атанасијевиќ, а воедно селекторот даде и коментар на одлуката на Манасков. 

„Дејан игра во одлична форма, особено последните два месеци и поради тоа доби повик. Тој го одби повикот и тоа е тоа, немам што да кажам. Моја обврска е да ги повикам оние кои играат во најдобра форма. Го направив тоа, го повикав и мислев дека ќе бидеме поквалитетни со него на крилната позиција. Манасков во последно време покажува врвна светска и европска класа. Но, одиме напред“, изјави Лазаров.

Селекторот мораше да направи уште една промена, па наместо повредениот голман Митревски (кој се појави на соборот) повикан е Марко Кизиќ.

Двомечот со Јапонија е предвиден за 30 октомври (четврток) во спортската сала Автокоманда (натпревар од затворен тип) и на 1 ноември (сабота) со почеток во 16:30 часот. Вториот ќе се игра во Куманово, а од денеска во продажба се и картите за овој натпревар.

Следете нé на социјалните мрежи