Фудбалска Македонија денеска е во исчекување на најголемото дерби во домашниот шампионат. Актуелниот шампион Шкендија, во Тетово, го пречекува скопски Вардар

Станува збор за најтрофејните клубови во историјата на Првата македонска фудбалска лига, кои заедно имаат освоено 16 титули.

Шкендија и Вардар се единствените македонски екипи кои успеале да играат во групна или лигашка фаза во европските натпреварувања, што дополнително ја зголемува тежината на денешниот дуел.

Шкендија влегува во натпреварот со дополнителна мотивација, откако во четвртокот испиша историја со победата над Шелбурн од 1:0 во Лигата на конференции. Тимот на Јетон Беќири ќе се обиде да го искористи тој моментум и да слави и против Вардар. Од друга страна, избраниците на Гоце Седлоски се одморени, мотивирани и подготвени да го покажат својот квалитет.

Главната дилема пред денешниот натпревар е дали Вардар конечно ќе успее да ја прекине непријатната традиција, осум години без победа против Шкендија. Последен пат „црвено-црните“ славеа на 14 октомври 2017 година со 4:2 на Арената во Скопје. Од тогаш, Шкендија доминира во меѓусебните дуели, а Вардар се надева дека денеска ќе го промени тој тренд, и тоа на гостински терен.

Ова е последен натпревар од 10. коло во ПМФЛ, а неговото значење е уште поголемо по вчерашниот кикс на Струга Трим Лум против Брера. Победникот од денешното дерби ќе се искачи на врвот на табелата, додека во случај на реми, Струга ќе остане лидер.

Дербито Шкендија – Вардар ќе почне од 13.30 часот, а може да го ГЛЕДАТЕ ВО ЖИВО ОВДЕ и низ тв пренос на МРТ3.