Најголемото светско фудбалско дерби, популарното „Ел Класико“, меѓу Реал и Барселона се одигра во Мадрид. Овојпат на триумф се радуваше Реал со 2-1.
Натпреварот почна во пеколен ритам. Рашфорд во 2.минута се обиде, но беше изблокиран од Камавинга. Само минута подоцна беше досуден пенал за Реал Мадрид, но по прегледувањето на ВАР снимката одликата беше поништена.
Во 12-тата минута Килијам Мбапе постигна прекрасен гол , но радоста на Реал траеше кратко, бидејќи и тој гол беше поништен поради офсајд. Затоа пак во 22.минута Мбапе беше во дозволена ситуација, па „кралевите“ може да се радуваат на водство со 1-0.
Во продолжението Реал имаше уште две големи шанси за гол, но последна пречка беше Шчешни кој одлично интервенираше. Затоа пак на спротивната страна следеше казна. Во 38.минута Фермин Лопез погоди во мрежата на Куртоа за израмнување на 1-1.
И тука не беше крајот на возбудувањата во првиот дел. Реал повторно дојде до предност во 43.минута кога погоди Џуд Белингам за 2-1. Реал, односно Мбапе уште еднаш ја затресе мрежата на Барса, но и тогаш беше во офсајд, па на полувреме се замина со резултат 2-1 за Реал.
По само пет минути игра беше повторно досуден пенал за домашниот тим. Одговорноста ја презема Мбапе, но Шчешни успеа да го одбрани неговиот удар.
Темпото на игра што беше наметнато од првата секунда, во ниту еден момент не падна. Двата тима играа отворено се до самиот крај, создадоа неколку шанси, но резултатот остана не променет 2-1 за Реал.
Со ова „кралевите“ ја прекинаа победничката серија на Барса од пет натпревари во меѓусебните дуели. Реал кој е лидер на табелата сега ја зголеми предноста во однос на второ пласираната Барселона на пет бодови.





































