Двата натпревари од 6.коло во женската ракометна Супер лига, одиграни денеска завршија со победи на домашните екипи. Ѓорче Петров беше подобар од Вардар, а Чаир го совлада Куманово.
Екипата на Ѓорче Петров запиша новата победа, совладувајќи го Вардар со убедливи 35:26, иако гостинките дадоа силен отпор во првото полувреме. Натпреварот започна одлично за Ѓорче, кој поведе со 3:0 и постепено ја зголемуваше предноста, па во 10-тата минута резултатот беше 7:3. Вардарки не се предаваа и со цврста игра во одбраната успеаја да израмнат на 9:9 во 20-тата минута. Сепак, домаќинките веднаш одговорија со серија од три гола и повторно ја презедоа контролата, заминувајќи на одмор со предност од 15:11.
Во вториот дел Ѓорче целосно го контролираше темпото и не дозволи изненадување. Вардар се обидуваше да остане во игра, но домаќинките беа поорганизирани и поефикасни. Во 52-та минута Ѓорче веќе имаше сигурна предност од 29:23, а до крајот само ја потврдија победата.
Крајниот резултат гласеше 35:26 во корист на Ѓорче Петров, кој уште еднаш покажа зошто е меѓу водечките тимови во лигата.
Составот на Чаир пак, продолжува со максимален учинок, откако денеска го совлада Куманово со 26-17. Чаирчанки сега имаат 12 бодови, по три повеќе од Ѓорче Петров и Металург. Составот од Автокоманда утре ќе го игра дуелот со Астибо во Штип. Во последниот меч од оваа рунда (утре) ќе играат Пелистер и Спартак.
Ивона Кимовска



































