На 21-то издание на Скопскиот маратон 2025 ќе биде со рекорден број на учесници годинава.

За трките низа главниот град пријавени се над 14.000 тркачи, од 58 земји ширум светот, што е нов рекорд на учесници на оваа манифестација.

Најмасовна останува трката на 5 километри со околу 10.300 учесници, при што третпат по ред доминираат жени – нешто што претходно не било случај. Во маратонската и полумаратонската трка, пак, поголем дел од учесниците се мажи.

Поради зголемениот број учесници, годинава стартот на трката на 5 километри (почеток 8:00 часот) ќе биде поместен на семафорите кај Црвен крст, на булевар „11 Октомври“ во правец на Кисела Вода. Патеката останува иста, но со оваа измена ќе се избегне моментот на тесно грло и разминување на натпреварувачите и ќе се овозможи маратонците, полумаратонците и учесниците во штафетната трка, во 8:05 часот комотно да ја стартуваат својата трка.

Во рамките на ова издание ќе се одржи и Балканско и Национално првенство во маратон, што дополнително ги зголемува важноста и престижот на настанот.

„Во маратонската трка ќе учествува и нашиот најдобар атлетичар Дарио Ивановски, кој ќе биде еден од фаворитите заедно со Кенијците и атлетичарите од Балканот. Со голема гордост можеме да кажеме дека Скопје во недела ќе пулсира во ритамот на спортот и заедништвото, со илјадници тркачи и уште повеќе навивачи низ улиците на градот,“ изјави Синадиновски.

Министерот за спорт, Борко Ристовски, истакна дека Владата и институциите секогаш ќе застанат зад вакви манифестации кои ја промовираат Македонија во најдобро светло.

„Драго ми е што оваа традиционална манифестација се сфати од државата многу посериозно, не само преку финансиската поддршка и покровителството, туку и со целата потребна огранизациска поддршка. Јас секогаш сум за тоа да се поддржуваат вакви манифестации, кои што промовираат спорт и што е поважно од самите спортски резултати, се промовираат вистински вредности, кои што треба да се втемелени во генот на нашите дечиња“, истакна министерот Ристовски. 

 

Следете нé на социјалните мрежи