Попладнево во Битола се одигра последниот натпревар од 7.коло во Првата македонска фудбалска лига. Во него тимот на Пелистер го пречка кумановски Башкими, од кого загуби сo 1-2.
Пелистерци ја продолжија негативната серија, која сега е четири натпревари во низа со порази. Од друга страна Башкими го впиша четвртиот триумф сезонава.
Натпреварот го реши босанскиот интернационалец Хедим Хоџиќ кој со двата гола во првото полувреме. Гостите од Куманово поведоа уште во осмата минута. Не мина долго време кога Босанецот втор пат се впиша во листата на стрелци. Се играше 19-тата минута кога Хоџиќ зголеми на 2-0.
Во 53-минута пелистерци имаа голема шанса да намалат, но Ристевски не реализира пенал. Зелено-белите продолжија со офанзивната игра, а тоа вроди со плод во 63-минута по двојното проигрување на Спировски и Миленковски, по која Спировски намали на 1-2.
Со новите три бодови и вкупно 13, тимот од Куманово е на петтото место на табелата, а Пелистер со 6 е осми.




































