Во воведниот натпревар од новата сезона на женската ракометна Супер лига, шампионот Ѓорче Петров на домашен терен го пречека тимот на Куманово. Ѓорчепетровки славеа убедлива победа со десет голови разлика 31:21.
Домашниот тим подобро го отвори натпреварот и со серија од 5:1 веќе во 10-тата минута имаше водство од 6:2. Кумановки не се предадоа и со цврста игра во одбраната успеаја најпрво да намалат на 8:6, а потоа и да израмнат на 8:8. Сепак, домаќинките брзо ја вратија контролата со мини-серија од 2:0 за ново водство од 10:8. До крајот на полувремето се играше со исто темпо, а Ѓорче Петров замина на одмор со минимална предност од 13:12.
Во второто полувреме Ѓорче со серија од 3-0 повторно да се одлепи и да поведе со +4 (17:13). Од тој момент Ѓорче постојано ја зголемуваше предноста, па во 46-тата минута резултатот изнесуваше 22:16. Куманово неколку пати се обидуваше да ја намали разликата, но домашните ракометарки не дозволуваа пресврт. Во 55-тата минута Ѓорче веќе имаше убедливо водство од +7 (28:21), а на крајот ја потврдија победата со конечен резултат 31:21.
Најефикасни од тимот на Ѓорче Петров се Емилијана Ризоска и Катерина Дамјановска со по 7 гола, од Куманово Мариана Силва Азеведо постигна 10 погодоци.
Денеска на програмата се три натпревари од првото коло.
Денот ќе започне со натпреварот помеѓу Спартак и Астибо во Штип со почеток од 12:00 часот. Потоа, во Автокоманда ќе се одигра дербито помеѓу Металург и Вардар во 14:30 ч., а колото ќе биде затворено во Битола каде Пелистер ќе го пречека Чаир од 18:00 часот.
Ивона Кимовска





































