Денеска и официјално ќе стартува новата сезона во македонскиот ракомет и тоа со дуел за трофејот во Супер купот на Македонија.
За пехарот ќе се борат лутите ривали, шампионот Еурофарм Пелистер и освојувачот на Купот, Вардар.
Тоа ќе биде третиот натпревар меѓу овие две екипи, како вовед во сезоната. Претходните два, во подготвителниот период, на турнирите во Охрид и Скопје ги добија Битолчани. Сега е оној официјалниот кој ќе се игра за трофеј, па може да очекуваме уште поголема борба.
Впрочем, тренерите Гарабаја и Чупиќ, безмалку ќе може да сметаа на сите расположливи сили. Во таборот на црвено-црните ќе го нема Лазаревски, кој се оправува од операцијата на рамото.
Во осмото издание на Супер купот, вардарци ќе атакуваат на петтиот, а пелистерци на третиот трофеј. Единствено Алкалоид успеа да ја прекине нивната доминација лани кога стигна до пехарот.
Кој ќе се радува годинава останува да видиме по натпреварот што ќе се игра во салата „Јасмин“ во Кавадарци. Дуелот ќе почне од 19 часот, а може да го гледате ВО ЖИВО овде и низ тв пренос на МРТ3.