Српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ успешно го започна настапот на Отвореното првенство на САД.
Нова обезбеди пласман во второто коло со победата над Американецот, Лернер Тиен, 50-ти на АТП листата.
Ѓоковиќ славеше со 6:1, 7:6 (7:3), 6:2, во меч кој траеше два часа и 24 минути.
Во првиот сет, Ѓоковиќ доминираше, освојувајќи брејкови во вториот и шестиот гем, што му донесе убедливо водство. Вториот сет беше далеку поизрамнет, без ниту еден брејк. Српскиот ас го реши во своја корист преку тај-брејк со 7:3.
Третиот сет донесе повеќе драма, со вкупно шест брејкови. Тиен двапати го одзеде сервисот на Ѓоковиќ, но тоа не беше доволно, бидејќи Новак возврати со четири брејка, вклучувајќи го и решавачкиот во осмиот гем, со кој го затвори мечот.
Во второто коло, Ѓоковиќ ќе се соочи со Американецот Захари Свајда, 145-ти на светската ранг-листа, кој во првото коло го елиминираше Унгарецот Зомбор Пирош, 156-ти на АТП листата.

































