Машката сениорска кошаркарска репрезентација на Македонија веќе одреден период ги одработува подготовките на квалификацискиот циклус за Светското првенство 2027.

Видно изменетата и подмладена Македонија, предводена од новиот селектор Марјан Илиевски, веќе една седмица е во Негорски Бањи. Таму се „кова“ планот и тактиката за дуелите со Романија и Унгарија.

Тимот полека се комплетира со доаѓањето на Џејкоб Вајли вчера, но хендикеп останува отсуството на повеќемина искусни репрезентативци. Но, и вака подмладената Македонија, тера според зацртаниот план, со една желба, успешен настап во првиот квалификациски круг.

Иако немаше многу време за комплетно воигрување на тимот, селекторот Илиевски, денеска ќе може да ја направи првата проверка на сработеното. Швајцарија ќе биде единствениот „спаринг“ партнер на Македонија пред стартот н квалификациите.

Со Швајцарците ќе бидат одиграни два контролни натпревари, денеска и утре во салата „НБ Ноел“ во Негорски бањи.

Натпреварите ќе се играат во терминот од 19 часот, а влезот во салата ќе биде слободен.