Градот Скопје е подготвен да ги пречека најдобрите европски џудисти во кадетска конкуренција. Тие на татамите поставени во СЦ „Јане Сандански“ ќе се борат за за насловот европски шампион.
Од џудо федерацијата на Македонија која е технички организатор на настанот реферираат дека сите технички подготовки се навремено завршени, согласно највисоките стандарди.
„Првпат Македонија е домаќин на европско првенство во џудо и горди сме што ги отвораме нашите врати за талентираните млади џудисти и посветените поддржувачи од целиот континент.
Џудото нѐ учи на дисциплина, почит и на стремеж кон совршенство, вредности што длабоко ги негуваме. Ова првенство ќе биде прослава на младоста, решителноста и иднината на нашиот сакан спорт.
Возбудени сме што ги гледаме ѕвездите во подем на европското џудо како се натпреваруваат со страст и спортски дух и веруваме дека татамите во Скопјe ќе стане сцена за незаборавни достигнувања и доживотни спомени“,
изјави Владимир Трпаноски, претседател на џудо федерацијата на Македонија.
Toj им се заблагодари на раководните лица на Европската џудо унија за дадената доверба за организира. Тој ја повика македонската публика да ужива во атрактивните борби кои ќе ни ги понудат најдобрите европските џудисти во кадетска конкуренција.
Подготовки финишираат, македонските репрезентативци во базата во Скопје ги одржуваат последните заеднички тренинзи.

Селекторот Игор Паскоски заедно со тренерот Александар Фузевски во координација со стручниот тим, ќе ги одработат завршните подготовки. Тие претежно се базираат на регулирање на тежинските категории како и техничко тактичка и психолошка подготовка на нашите репрезентативци.
Европското првенство започнува во четврток, 26-ти јуни во 9 часот. Програма ќе биде исполнета со многу борби ќе трае се до сабота, 28-ми јуни.
Свеченото отворање на настанот е закажано за во четврток во 15 часот и 30 минути, прелиминарните борби во сите натпреварувачки денови почнуваат од 9 часот, а финалните во 16 часот и 30 минути.





































