Борјан Георгиевски е новиот тим-менаџер на сениорската репрезентација на Македонија. Раководниот тим на Македонската кошаркарска федерација, и селекторот Марјан Илиевски одлучија, Георгиевски да биде дел од стручниот штаб на нашата најдобра селекција во наредниот период.

Борјан Георгиевски ќе биде тим-менаџер на сениорскиот национален тим

„Благодарност до раководниот тим на федерацијата, и до селекторот Марјан Илиевски за укажаната доверба и внимание во желбите да се формира уште посилен стручен штаб во сениорскиот национален тим“, изјави Георгиевски.

„Пред нас e период со доста предизвици, лето исполнето со доста обврски, особено оној сегмент кој со себе го носат натпреварите во претквалификациите за пласман на Светскиот Куп во 2027 година.

Јасно е дека ни претстои сериозна работа, и се надевам дека во деновите кои следуваат ќе формираме тим за респект.

Нема да биде лесно, но нашата работа, освен максимални услови за функционирање, ќе биде да им дадеме максимална поддршка на репрезентативците, се со цел да ја вратиме кошарката онаму каде што и е местото“ – дополнува новиот тим-менаџер на нашата машка сениорска репрезентација.

Своите први обврски на менаџерската позиција, Георгиевски ќе ги има со почетокот на подготовките во август. Македонија ќе учествува во втората фаза од претквалификациите за пласман на Мундобаскетот во 2027 година.

Во овој августовски „прозорец“, нашите кошаркари против Романија и на Унгарија ќе се орат за првите две места во рамките од „Б“ групата.