Германско финале ќе гледаме во ракометната Лига на шампиони. Тоа на задоволство на публиката во Келн, каде традиционално се одржува завршниот турнир во елитното натпреварување.
Магдебург е вториот финалист од Лигата на шампионите. По голема драма и борба со Барселона, Магдебург дојде до победа со гол во последната секунда со 31:30.
Иако се чинеше дека бранителот на трофејот од лани, Барселона, полека, но сигурно ита кон ново финале, сепак тоа не се случи. Во два наврати Баса водеше и со четири поени разлика (16:12, 17:13). Набрзо каталонскиот тим остана со играч помалку поради директен црвен картон за Тијагус Петрус. Сепак, Магдебург добро се снајде до крајот од полувремето и целосно ја анулираа негативата израмнувајќи на 18:18.
На средината од второто полувреме, германскиот тим за прв пат поведе (25:24). Уште полошо стана за Барселона, кога Дика Мем се повреди. Израмнето остана до самиот крај, а бранителот на титулата остана без уште еден играч. Макеоднскиот судиски пар, Николов-Начевски на помалку од две минути до крајот ми покажаа црвен картон и на Карлсбогард.
Сепак, веднаш во продолжението на истата акција, Аитор Арино заработи исто црвен картон за прекршок, па Каталонците имаа двајца играчи помалку минута и пол пред крајот, резултатот беше 30:30.
Барселона не успеа да го реализира својот последен напад, германскиот тим имаше околу 15 секунди до крајот со двајца играчи повеќе. Во последната секунда, Тим Хорнке постигна гол од крилото за голема прослава на Магдебург.
Инги Омар Магнусон постигна 11 гола за Магдебург, а Тим Хорнке додаде седум. Дика Мем постигна осум гола за Барселона, а Тимоти Н’гесан додаде пет.
Така Магдебург кој пред две години ја освои титулата, ќе има можност тоа да го повтори утре во финалето со Фуксе Берлин кој беше подобар од францускиот Нант.
 
             
		