РК Алкалоид останува на својата определба и во следната сезона да биде клуб составен во најголем дел од македонски ракометари.

Неколку ракометари со голем потенцијал и за клубот и за сениорската репрезентација на Македонија доаѓаат следната сезона во клубот.

НЕНАД КОСТЕСКИ

Ненад Костески, репрезентативното десно крило му се приклучува на Алкалоид следната сезона.

Костески е роден стружанец, има 24 години, добро се познава со новите соиграчи преку репрезентативните настапи, а следната сезона ќе има шанса да игра и покрај својот повозрасен брат, Никола Костески кој е во РК Алкалоид сезонава.

ЕМИЛИЈАН ЃОРГОВСКИ

Ѓорговски, големиот македонски потенцијал на левата бековска позиција е наш нов ракометар.

Стружанецот има 22 години и во Алкалоид ќе добие вистинска шанса да го покаже целиот свој талент и потенцијал. Беше дел од сите младински репрезентации, а повремено е член и на сениорскиот тим.

МИХАИЛ АЛАРОВ

Репрезентативниот пивот Аларов кој игра одлично и во одбрана и во напад ќе биде дел од составот на РК Алкалоид следната сезона.

Тој својот потенцијал и квалитет го покажуваше низ настапите во македонското првенство и очекуваме многу брзо да се вклопи во системот на игра и сигурно ќе бидe важна алка во РК Алкалоид во сезоната што е пред нас.

МИХАИЛ ИВАНОВСКИ

По една сезона мината на калење во екипата на РК Дубочица од Србија, во редовите на РК Алкалоид се враќа десниот бек Михаил Иваноски.

Развојот на Иваноски во текот на сезоната беше постојано следен од стручниот тим на РК Алкалоид и сега одново ќе биде дел од нашата екипа.

ЃОРЃИ НИКОЛОВСКИ

Развојната програма на РК Алкалоид како продукт за првиот тим го нуди младиот голман Ѓорѓи Николовски.

Николовски е вонсериски талентиран, луциден, пожртвувано работеше во младинските категории на клубот и во екипата на РК Мулти Есенс и целосно ја заслужи шансата да дојде во првиот тим. Тој ќе го комплетира голманското трио во кое се уште и Марко Кизиќ и Иван Галевски.

ДАВИД ТРАЈКОСКИ

Уште еден млад играч во кој РК Алкалоид препознава вонсериски талент доаѓа во нашиот клуб следната сезона.

Давид Трајкоски, ракометар од позицијата лево крило ни доаѓа од редовите на РК Прилеп. Беше одличен во младинските категории, има искуство од играње во Суперлига и ќе има шанса да го покаже својот талент и квалитет и во редовите на РК Алкалоид.

УРОШ БОРЗАШ

Во редовите на Алкалоид на позицијата лев бек за следната сезона е ангажиран и Урош Борзаш, репрезентативец на Србија.

 Бекот шутер има богато резиме, докажани квалитети и очекуваме брзо да се вклопи во нашиот тим.

Борзаш во Автокоманда доаѓа од редовите на шампионот Еурофарм Пелистер, кој заедно со Вардар и следната сезона ќе бидат конкурентите на Алкалоид за трофејите.