Минхен е подготвен за врвниот фудбалски спектакл, каде Германија и Португалија ќе се соочат во полуфиналето на Лигата на нации на УЕФА.

Тоа ќе биде и прва нивна меѓусебна пресметка во ова натпреварување.

Дебитантско полуфинале за „панцирните“

Домашната селекција, предводена од Јулијан Нагелсман, дебитира во полуфиналето, носејќи победнички моментум од драматичниот четвртфинален двомеч со Италија (5-4 вкупно). „Панцирните“ покажа карактер, одржувајќи предност во Милано (2-1), а потоа извлекувајќи 3-3 во Дортмунд.

Германците за прв пат се во ситуација да бркаат финале и тоа со поддршка од домашната публика на „Алијанц“ арената.

Португалија сака ново финале и нов трофеј

Португалија, пак, се избори за местото меѓу најдобрите четири по драматичниот пресврт против Данска. По иницијалниот пораз (1-0) во Копенхаген, тимот на Роберто Мартинез одигра блескаво во Лисабон, славејќи со 5-2 во продолженијата. Франсиско Тринкао беше херојот, донесувајќи израмнување во 86-тата минута, а потоа повторно реализирајќи веднаш по стартот на продолженијата, додека Гонсало Рамос го запечати триумфот.

Португалија се стреми кон втората титула откако во сезоната 2018/19 го крена првиот трофејот.

Ова полуфинале носи дополнителна тежина со оглед на нивната последна голема средба. Во групната фаза на ЕВРО 2020, Германија славеше со 4-2 токму на „Алијанц арена“.

Ќе успее ли домаќинот да го искористи предноста или Португалија ќе се избори за второ финале ќе дознаеме вечерва, во дуелот што ќе почне од 21 часот.

Во втпрото полуфинале утре во Штутгарт ќе играат Шпанија и Франција. Финалниот меч е закажан за во недела (8 јуни).