Екипата на Ѓорче Петров повторно ја потврди својата доминација на македонската ракометна сцена, освојувајќи го Купот на Македонија втор пат по ред. Со оваа победа, Ѓорче се круниса како старо-нов шампион, продолжувајќи ја успешната серија и уште еднаш докажувајќи дека заслужено се на врвот.
Во финалето од Купот на Македонија, екипите на Ѓорче Петров и Чаир се сретнаа во возбудлив дуел, кој заврши со убедлива победа на Ѓорче Петров. Со доминантна игра во текот на целиот натпревар, тимот од Ѓорче славеше со конечен резултат од 36:19.
Ѓорче Петров започна силно, отворајќи со серија од 3:0. И покрај тоа, Чаир брзо се врати во игра и успеа да израмни на 4:4. Сепак, Ѓорче не дозволи пресврт, ја врати контролата врз натпреварот и во 21-та минута имаше водство од 10:7. До крајот на првото полувреме, тимот од Ѓорче ја зголеми предноста и замина на пауза со убедливи 14:8.
Втората половина од натпреварот не донесе значителни промени во текот на играта. Ѓорче Петров продолжи да игра со истото темпо, контролирајќи го натпреварот и не дозволувајќи му на Чаир да се приближи на резултатот. Во 42-та минута тие стигнаа до предност од +10(24:14). Со сигурна и дисциплинирана игра, ја одржаа предноста стекната во првото полувреме и рутински го приведоа натпреварот до крај. Па крајниот резултат беше 36:19.
Најефикасни од Ѓорче беа Дежиќ со девет и Ризоска со осум, од Чаир Ѓеоргиевска даде пет гола.
Со новата победа во финалето на Купот на Македонија, Ѓорче Петров уште еднаш покажа зошто е најуспешниот женски ракометен клуб во земјата. Со сигурна игра, одлична тимска координација и континуирана доминација ѓорчепетровки заслужено ја одбранија титулата и ја додадоа 18-та куп титула во својата богата ризница.
Ивона Кимовска
 
             
		