Ракометарите на Алкалиод се вратија на „домашните работи“ и во натпревар од 7.коло од Супер лигата вечерва во Кавадрци го совладаа домаќинот Тиквеш со 27:24 (17:11). Ова беше натпревар за враќање во „нормала“ за тимот на Кирил Лазаров, откако во неделата не го одиграа дуелот од финалето од Европскиот куп на ЕХФ.
Од самиот старт на дуелот гостите имаа предност и водство. Единствениот нерешен резултат беше 11:11 во финишот на првиот дел, но потоа следуваше серија од 6-0 за Алкалоид и на полувреме беше 17:11. На стартот од вториот дел гостите од Автокоманда стигнаа и до највискоките +8 (20:12). До крајот на дуелот екипата на Тиквеш успеа да го ублажи поразот.
Најефикасен кај Алкалоид беше Мартин Серафимов со 6 голови, а ист број постигна и Игор Кривокапиќ за домашниот тим.
Со денешната победа Алкалод стигна до четвртата победа и 11 бодови на табелата, зад Вардар и Еурофарм Пелистер кои имаат по 17.
За избраниците на Лазаров викендов следуваат натпреварите од завршницата од Купот на Македонија во Охрид. Во полуфиналето во сабота Алкалоид ќе игра против Вардар. Ракометарите на Алкалоид воедно го бранат пехарот во ова натпреварување.