Иако сезоната се уште не е завршена, Вардар веќе сериозно работи на тимот со кој ќе настапува следната сезона. Ангажирани се играчи кои треба да донесат „дополнителна вредност“ и да бидат дел од новиот Вардар кој успешно ќе се врати и на европска сцена.
Речиси е направен и планот за подготовки за новата сезона, каде засега е потврдено учеството на турнирот во Охрид. Стручниот штаб разгледува можности и за настап на други турнири и пријателски среди кои ќе помогнат за воигрување на тимот.
„Нашите напори да имаме уште посилен тим се исплатеа бидејќи донесовме квалитетни играчи, и ги задржавме оние со кои успеавме да се договориме за продолжување на соработката. Можам да потврдам дека на бековската позиција ќе бидеме навистина силни, со доаѓањето на Талески, но и со задржувањето на Дмитро Горига и Вуко Борозан. Украинскиот бек го продолжи договорот, а со Борозан сме речиси договорени, и остануваат детали пред официјално да го потврдиме.
Јака Малуш се приклучува кај плејмејкерските, со отворено прашање за дополнитена опција на оваа позиција. На десната позиција сега го имаме Марек Марчинијак, и Урош Митровиќ како засилувања,. Наскоро ќе ги споделиме сите детали за тимот со кој ќе настапуваме следната сезона. Сите официјално потврдени засилувања ќе ги објавиме на нашите официјални канали за комуникација“, вели Андија Нунев, директорот на Вардар.
Сега за клубот претстои настап на „Ф4“ турнирот во Купот, каде во полуфиналето ќе играат со бранителот на трофејот Алкалоид.
До крајот на сезоната остануваат уште две кола од плејофот. Најважниот е последниот против Еурофарм Пелистер во Скопје, на 7 или 8 јуни кој ќе решава за шампионската титула.





































