Полуфиналето од кошаркарската АБА Лига започнува денеска и ветува вистинска кошаркарска драма.
Во првото полуфинале, Партизан ќе се соочи со новиот регионален проект Дубаи. Црно-белите, предводени од тренерот Жељко Обрадовиќ, важат за фаворити. Сепак и самите се свесни дека, тимот од Обединетите Арапски Емирати не е за потценување. Дубаи изненади многумина со пласманот во полуфиналето и сака да испише историја уште во својата прва сезона во елитата.
Овој натпревар ќе се игра во Белград со почеток од 19 часот.
Во вториот полуфинален пар, актуелниот шампион Црвена Звезда го има далеку потежок предизвик, гостување кај Будуќност во Подгорица. Овие две екипи имаат богата историја на неизвесни дуели, а домашниот терен честопати бил значаен фактор. Звезда ќе мора да прикаже максимална зрелост и квалитет доколку сака со победа да го започне полуфиналето.
Почетокот на дуелот во Подгорица е закажан за 21 часот.
Полуфиналните серии ветуваат возбудувања, силни дуели и кошарка на највисоко ниво. Дали фаворитите ќе ја оправдаат улогата или ќе има место за изненадувања? Одговорите ќе ги дознаеме во наредните денови, додека трае битката за големото финале на АБА Лигата.
Пласман во финалето ќе обезбедат екипите што ќе остварат две победи.