Во големото грчко дерби што се одигра на „Етихад Арена“ во Абу Даби, Олимпијакос славеше над вечниот ривал Панатинаикос со 97:93. Така тимот од Пареа го освои третото место во Евролигата за сезоната 2024/2025.

Тимот наОлимпијакос покажа карактер и зрелост, успевајќи да се опорави од полуфиналниот пораз од Монако. Со нова енергија да го заврши турнирот на победнички начин. Иако натпреварот непотребно влезе во драматична завршница, „црвено-белите“ сепак заслужено се радуваа на крајот.

Најзаслужен за победата беше Ајзак Питерс со 32 поени, додека Саша Везенков додаде 23, а Џастин Рајт заврши со 19 поени. Кај Панатинаикос, Јуртсевен беше најрасположен со 23 поени, Осман додаде 14, а Лесор постигна 12.

Минатосезонскиот шампион Панатинаикос, годинава ќе мора да се задоволи со четвртото место.

„Круната“ на сезоната ќе се додели вечерва, кога во големото финале од 19:00 часот ќе се соочат турскиот гигант Фенербахче и амбициозниот Монако. Љубителите на кошарката со нетрпение го очекуваат последниот судир што ќе го одреди новиот европски шампион.