Дисциплинската комисија при ФФМ попладнево ги изрече казните за екипата на Гостивар која не го доигра натпреварот со Работнички.

На гостиварци покрај паричните казни и суспензијата на теренот, играчи и тренер, им се одземени девет бодови.

Алпер Потук – фудбалер на ФК Гостивар АД се казнува со забрана на настап во период од 2 (две) години поради повикување на директни учесници на натпревар да го напуштат натпреварот од 29. коло од Прва МФЛ помеѓу екипите на ФК Гостивар АД и ФК Работнички АД.

ФК Гостивар се казнува со одземање на 9 (девет) бодови освоени во тековната натпреварувачка сезона и парична казна во износ од 2.500,00 евра поради напуштање на теренот на натпреварот во рамки на 29. коло од Прва МФЛ меѓу екипите на ФК Гостивар АД и ФК Работнички АД.

ФК Гостивар се казнува со парична казна во износ од 5.000,00 евра поради слаба организација и присуство на неслужбени лица во оградениот дел од теренот (службени простории) на натпреварот од 29. коло во Прва МФЛ против ФК Работнички.

ФК Гостивар АД се казнува со забрана на одигрување на 10 (десет) натпревари на свој терен како домаќин, односно 100 километри надвор од теренот кој го имаат пријавено како домашен терен.

Енес Уста – претседател на ГФК Гостивар се казнува со забрана на вршење на било каква функција во фудбалот во траење од 2 (две) години поради повикување на фудбалерите на ГФК Гостивар да го напуштат теренот и да се прекине натпреварот ГФК Гостивар – ФК Работнички во рамки на 29. коло во Прва МФЛ.

Блажо Панов – шеф на стручен штаб на ГФК Гостивар се казнува со забрана на вршење на било каква функција во фудбалот во траење од 2 (две) години поради повикување на фудбалерите на ГФК Гостивар да го напуштат теренот и да се прекине натпреварот ГФК Гостивар – ФК Работнички во рамки на 29. коло во Прва МФЛ.

Сите играчи на натпреварот од ГФК Гостивар кои биле во официјалниот записник на натпреварот против ФК Работнички се казнуваат со парична казна од 500,00 евра за фудбалер поради напуштање на натпреварот против ФК Работнички.

Воедно, дисциплинците на ФФМ, поведоа и постапка против ФК Воска поради непојавување на натпревар во Струмица на дуелот со Брера А.П. од 29-тото коло.

Ова нема да смени многу што се однесува до охридскиот клуб кој најави повлекување од Првата лига, а според најавите од Охрид, ќе има и целосно „згаснување“ на истиот.