Ракометарките на Алкалоид со победа го отворија петтото коло од плеј-офот од Супер лигата откако вечерва пред свои навивачи го совладаа тимот на Бутел со 33:30 (16:13). Натпреварот имаше дури 10 изедначувања од кои осум во првиот дел додека гостите уште беа резултатски конкурентни. Екипата на Алкалоид натпреварот го одигра порано поради патувањето в петок за Норвешка на реванш полуфиналето од Европскиот куп со Рунар Сандефјорд.

Почетокот на дуелот беше во знакот на голманите Бојан Блажевски кај Бутел и Марко кај Алкалоид, па првиот гол беше постигнат во 5.минута. По 9:9 во 15.минута Алкалоид направи серија од 3-0 што се покажа како клучна за предност на полувремето – 16:13.

На почетокот на вториот дел домаќинот поведе и со +4 (17:13), но потоа следуваше серија од 4-0 на Бутел и серијата на голови на нивниот десен бек Филип Николов. Гостите изедначија на 17:17, а последното израмнување беше 18:18. Алкалоид направи серија од 5-2 за 23:20 и во продолжението двете екипи наизменично постигнуваа гол и разликата беше два и три за Алкалоид. Притоа Николов играше „симултанка“ и постигна 11 голови сите во вториот дел, но тој и неговите соиграчи не ги искористија двете шанси да намалат на еден негатива. Во последната минута Алкалоид повторно дојде до +4 (33:29) што беше потврда на победата.

Мартин Серафимов кај Алкалоид постигна 11 голови (7 од седмерец), а голманот на Бутел Блажевски дуелот го заврши со 13 одбрани.

Алкалоид со денешната победа со 8 бодови остана на третото место, додека Бутел е последен на плеј оф табелата од Супер лигата без бод.

Во дербито на колото во четврток од 18:30 часот во Битола ќе Еурофарм Пелистер и Вардар, додека во Кавадарци се игра дуелот Тиквеш – Охрид.