По репрезентативната пауза, денеска и утре, продолжува натпреварите во женската ракометна Супер лига.
Четири натпревари од ова 13-то коло ќе се одиграат денес додека два се закажани утре.
Во рамките на плеј-оф конкуренцијата, првиот дуел ќе се одигра во Куманово, каде истоимената екипа ќе го пречека Металург Автокоманда во салата „Перо Наков“, со почеток во 19:30 часот.
За во 20 часот е закажан почетокот на вториот меч, во Штип, каде Астибо ќе биде домаќин на Чаир. Според формата и досегашните резултати, Чаир влегува како фаворит, но Астибо на домашен терен сигурно ќе се обиде да приреди изненадување.
Утрешниот ден од плеј-офот носи уште еден интересен натпревар. Со почеток во 16 часот, во салата „Круме Кепески“, ќе се сретнат екипите на Вардар и шампионот Ѓорче Петров.
Во рамките на денешната програма од плеј-аутот ќе се одиграат два натпревари.
Спартак ќе гостува кај Ѓорче Петров МРК во салата „Кочо Рацин“, со почеток во 17 часот. Во исто време, Стружанка ќе го пречека Пелистер во Струга.
Последниот натпревар за ова коло ќе се одигра во 20.30 часот во салата „Антон Димитров“, каде ќе се сретнат екипите на Шампион и Овче Поле. Ова коло слободна е екипата на Деспина.
Ивона Кимовска
 
             
		